Канцеларијата за надворешни средства при Министерството за финансии на САД воведе санкции за две физички и едно правно лице од Босна и Херцеговина, меѓу кои е и премиерот на Федерацијата на Босна и Херцеговина (ФБиХ) Фадил Новалиќ, објавено е на веб-страницата на Министерството.
Во соопштението се наведува дека на Новалиќ му биле изречени санкции поради злоупотреба на податоците за пензионерите во корист на политичка партија, спротивно на законот на БиХ, пренесува Срна.
Покрај Новалиќ, санкции биле воведени и за Слободан Станковиќ, еден од најбогатите луѓе во БиХ и долгогодишен сопственик на компанијата „Интеграл инжењеринг А.Д. Лакташи“, бидејќи, како што се наведува, Станковиќ и неговата компанија се поврзани со корупција во областа на градежништвото.
Американското министерство пренесува дека на „Интеграл“ му се доделени едни од најголемите проекти во Република Српска поради, како што соопштија, блиските врски со српскиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик.
Канцеларијата за странски средства при Министерството за финансии на САД тврди дека компанијата на Станковиќ често добивала проекти без фер и отворена конкуренција, како и дека најголемиот дел од неговото богатство се состои од јавни пари, пренесува Танјуг.
Во соопштението се додава дека овие мерки, заедно со претходно воведените санкции, ја покажуваат волјата на САД „да ги повикаат на одговорност оние кои генерираат разделувачки и дестабилизирачки активности на Западен Балкан“.