САД ја зголемува црната листа: „Бизнисот на Анѓушев ќе претрпи штета, имаат докази и за корупција кај членови од ДУИ“

од Nikola Popovski
1,5K прегледи

Вчера силно одекна веста во јавноста дека поранешниот вицепремиер и актуелен бизнисмен Кочо Анѓушев се најде на црната листа на САД. Американскиот Стејт департмент на својата веб-страница објави соопштение за забраната за влез во земјата и целото негово семејство, поради обвинувања за корупција. Изјава за медиумите даде Метју Милер, портпарол на Стејт департментот. „Соединетите Американски Држави го назначија Кочо Анѓушев, поранешен вицепремиер на Северна Македонија, како неподобен за влез во САД поради неговата значајна вмешаност во корупција, поткопувајќи ја довербата на јавноста во Северна Македонија во нивните владини институции и јавни процеси“, нагласи Милер. САД велат дека оваа одлука покажува дека тие ги поддржуваат оние во Северна Македонија кои бараат одговорност од корумпирани јавни функционери.

Јавноста е поделена по ваквата одлука на САД. Според адвокатот Ардијан Демири, „ставањето на Анѓушев, Мерко и компанија на црната листа на САД има директно или индиректно врска со актуелната власт и е директен удар врз системот, почнувајќи од системот на истрага до правосудниот систем“. Во анализата за „Локално“, соговорникот вели дека „очигледно ни се повторува ситуацијата од периодот на Груевски, кога поради немање никаква доверба во тогашниот јавен обвинител Марко Зврлевски, принудена беше меѓународната заедница да интервенира и да започне борбата со корупцијата“.

Ардиан Демири

-И тогаш и сега, општеството и системот немаат капацитети да се изборат против ова зло кое не следи повеќе од 30 години. Ова е уште еден показател дека работите не се движат во добра насока и со помош на меѓународните институции и организации и влади, би можеле да извлечеме некоја корист или поуказа постапување понатаму. Ова е аларм и мислам дека би било добро ваквата листа да се прошири уште. Очигледни се работите во државата и лицата кои што манифестираат корупција и недопирливост – ги има во секоја средина, смета Демири.

Се поставува прашањето дали црната листа на САД може да се прошири и со нови имиња, дел и повисоки, од претходната и актуелната власт. На 16-ти ноември минатиот месец кога беше објавено дека е проширена црната листа со имињата на Сергеј Самсоненко и мајката на Орце Камчев, Ратка, индиректно беше спомнато и името на екс-премиерот Зоран Заев. Во делот за Црна Гора, каде се објаснува зошто црногорскиот бизнисмен Миодраг Давидовиќ е ставен на оваа листа, пишува дека бил вмешан и во скандалот кој довел до апсење на екс-генсекот на Влада, Драги Рашковски, кого го опишуваат како прв човек на експремиерот Заев. Притоа се споменува и средба Давидовиќ-Заев.

Според Демири, речиси сигурно ќе има нови лица на листата.

-Една константа е цело време присутна во државата, а тоа е ДУИ. Толку е провидно и очигледно и имаат докази за вмешаноста на нивните највисоки политички фигури во криминал и корупција. Очекувам во наредниот период Американската амбасада и институциите нивните фокус да го насочат кон лица од оваа политичка проминенција кои што до денеска, за жал остануваат недопирливи, посочува адвокатот.

Тој е дециден дека бизнис империјата на Анѓушев ќе претрпи, како што вели, заслужена штета, „со оглед дека неговата компанија е директно поврзана со трагедијата во модуларната болница во Тетово, која поради одредени коруптивни активности на тогашнитте функционери и компанијата, дојде до тоа што се случи, без никаква казна“.

-Сигурно дека ова ќе влијае ова на неговите меѓународни контакт и ќе има влијание врз неговиот бизнис, објаснува соговорникот.

Смета дека вчерашната одлука апсолутно треба да биде порака до сите политичари и функционери кои ја злоупотребуваат позицијата на моќ.

-Ние видовме дека не извлековме поука од претходната интервенција на меѓународната заедница, кога претходниот систем не функционираше и си продолживме како досега. Ни стои како епитет хибриден режим. Крајно време е да се сфати сериозно работата бидејќи државата се испразни и владее тотална депресија која е директна поврзана со ваквите поведенија на политичари и високи државни функционери. Доколку не се стави крај, наредните властодржци ќе немаат народ над кого ќе владеат, заклучува Демири.

Гордан Калајџиев

Од друга страна, универзитетскиот професор по кривично право, Гордан Калајџиев смета дека работата е сериозна.

-Особено што никој нема анализирано што значи тоа правно, ни рече професорот.

Според него, речиси сигурно ќе се зголеми бројката на лицата на кои ќе им биде забранет влез во САД од земјава. Сепак не е сигурен дали и поранешниот премиер Заев би се нашол на неа.

-Тоа веќе го најави амбасадорката Агелер, а дали баш Заев не знам. Сепак, критериумите им се малку чудни, оценува Калајџиев.

Вели дека му пречи што нема соодветна процедура во која лицето може да се брани.

-Еден вид инквизиција. Па дури и таму имало процедура, објаснува експертот од областа на кривичното право.

Самиот Анѓушев вчера во кратка изјава за „Локално“ рече дека е многу изненаден од ваквата одлука. Во текот на вечерта преку соопштение, кажа дека „силно ги негира сите сомневања“ изразени во документот на Стејт департментот и рече дека ќе ја обжали одлуката и ќе ги искористи сите правни лекови наведени во самиот документ заради нејзино повлекување. Вели дека одлуката ја смета „за непотребна во рамките на заложбите на нашите пријатели, Соединетите Американски Држави, за борба против корупцијата“. Анѓушев е сопственик на фирмите Фероинвест и Брако.

Црната листа на САД, на поранешни и актуелни функционери и бизнисмени осомничени за корупција, непрекинато расте од април 2022 година, кога на неа, најпрво, се најдоа експремиерот Никола Груевски и поранешниот шеф на тајната служба Сашо Мијалков. Во јуни годинава следуваше и струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, а по него бизнисменот Јордан Камчев со неговата мајка Ратка, како и рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко и неговата сопруга Ирина. Паралелно и неколку нивни компании беа блокирани.

Она што го издвојува именувањето на Анѓушев е фактот што неговото ставање на црната листа е сторено од Стејт департментот, а не од Министерството за финансии на САД, како што беше со неколкуте претходни случаи.

Н.П.

Слични содржини