Претседателот Џо Бајден вети дека САД ќе испорачаат најмалку 15 милијарди кубни метри (bcm) повеќе течен природен гас (LNG) во Европа оваа година од претходно планираното, објавија извори на „Bloomberg“ и „Reuters“.
Еден извор додаде дека договорот ќе биде објавен денес и ќе вклучува и поголем извоз на течен природен гас од САД во Европската унија во 2023 година.
Политичкиот договор меѓу Бајден и Европската унија ќе го отвори патот за дополнителен увоз на течен природен гас од Соединетите држави за да му помогне на блокот да го замени увозот на руско гориво, изјави за „Bloomberg“ висок претставник на ЕУ.
Бајден, кој им се приклучи на лидерите на ЕУ на самитот во обид да демонстрира заедничка решителност против руската инвазија на Украина, ќе го објави договорот со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен во петок наутро, според официјалниот претставник. Увозот на течен природен гас од Русија, најголемиот снабдувач со енергија во ЕУ, изнесуваше околу 14 до 18 милијарди кубни метри годишно во последните години.
„Преземаме дополнителни, конкретни чекори во нашата енергетска соработка за да обезбедиме безбедност на снабдувањето и да ја намалиме зависноста од руските фосилни горива“, рекоа Бајден и Фон дер Лајен во заедничката изјава доцна во четвртокот во Брисел.
Договорот ЕУ-САД ќе обезбеди политичка платформа за трговски договори што ќе треба да следат за да започнат испораките. Блокот од 27 земји се обидува да замени речиси две третини од вкупниот увоз на гас од Русија оваа година, кој изнесуваше 155 милијарди кубни метри минатата година, откако војната предводена од претседателот Владимир Путин принуди невидено преиспитување на енергетската стратегија на блокот.
„Ние работиме со ЕУ за да ја поддржиме енергетската безбедност на Европа и да ја забрзаме глобалната транзиција кон чиста енергија“, рече во четвртокот Салони Шарма, портпарол на Советот за национална безбедност на САД. „Ќе имаме повеќе информации за тоа утре (денес)“.
Дополнителниот увоз од Соединетите Држави ќе потрае за да започне, а Европа е ограничена со сегашниот капацитет за регасификација, бројот на терминали и интерконектори, рече претставник на ЕУ кој побара да остане анонимен, коментирајќи ги приватните разговори. На среден рок, САД ќе истражуваат опции за зголемување на производството, а ЕУ ќе бара начини за намалување на потрошувачката на енергија.
Новата европска енергетска стратегија, наведена од Комисијата претходно овој месец, има за цел да замени 101,5 милијарди кубни метри руски гас во 2022 година со користење на алтернативни извори на снабдување, изградба на обновливи извори и зголемување на енергетската безбедност. Блокот се обидува да обезбеди 50 милијарди кубни метри LNG од новите добавувачи.
Увозот на гориво од Соединетите Држави порасна експоненцијално во услови на европска енергетска криза, која започна неколку месеци пред војната во услови на ограничен проток од Русија. Во 2021 година, трансатлантските резерви на LNG беа околу 22 милијарди кубни метри. Во јануари 2022 година тие изнесуваа 4,4 милијарди кубни метри.