САД контра ЕУ во БиХ: Американците го поттикнуваат Шмит да ги користи „бонските овластувања“

Откако Шмит вчера ја наметна одлуката за измени на Изборниот закон на БиХ, од Брисел порачаа Високиот претставник да ги користи извршните овластувањата „само како крајно средство“.

од Бети Божиноска
296 прегледи

Американскиот помошник-државен секретар за европски и евроазиски прашања, Џејмс О’Брајан, објави вчера дека САД ја потврдуваат својата целосна поддршка за Високиот претставник во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, и неговата употреба на „бонските овластувања“.

„Тоа се технички промени кои го подобруваат интегритетот на изборите, што е потребно за добро, демократско владеење“, напиша О’Брајан во пост на социјалната мрежа „Х“.

Амбасадата на САД во Сараево, исто така, објави на истата социјална мрежа дека ја поздравува одлуката на Шмит, како што се наведува, да донесе закон за зајакнување на изборниот интегритет во Босна и Херцеговина.

„Жалиме што сите страни не се ангажираа со добра волја и не се залагаа вистински за изборен интегритет. Нивниот неуспех е причината зошто мораше да реагира ОХР. Од витално значење е да се погрижиме изборите да бидат слободни и фер и граѓаните на БиХ да знаат дека нивните гласачки ливчиња треба да се пребројат така како што се обележани“, велат од Американската амбасада.

Откако Шмит, кој не е признат за Висок претставник во Република Српска, вчера ја наметна одлуката за измени на Изборниот закон на БиХ, од Брисел излегоа со сосем спротивен стави и порачаа дека додека од локалните власти се очекуваат реформи, од Високиот претставник  се очекува да ги користи извршните овластувањата „само како крајно средство“. Тие, исто така, посочија дека обемниот меѓународен надзор е „некомпатибилен со европската иднина на Босна и Херцеговина“.

Инаку, т.н „бонски овластувања“ на Високиот претставник во БиХ се однесуваат на одлуките на Советот за спроведување на мирот (ПИК) во БиХ донесени на состанокот во Бон во декември 1997 година.

ПИК тогаш, разработувајќи го Анекс 10 од Дејтонскиот мировен договор со кој се определуваат овластувањата на Високиот претставник, му дозволи на Високиот претставник да ги отстрани од функцијата јавни службеници кои ги прекршуваат законски преземените обврски и Дејтонскиот договор, како и, кога ќе смета дека е неопходно, да наметне клучни закони ако тие не се усвоени од законодавните тела на БиХ.

Т.н. „бонски овластувања“ претходно се користени и за смена на високи функционери во Република Српска, вклучувајќи го и поранешниот претседател на РС, Никола Поплашен. Него на почетокот на 1999 година го смени тогашнуот висок претставник Карклос Вестендорп само неколку месеци откако Поплашен беше избран за претседател.

Слични содржини