Алијанса за Албанците преку соопштение реагираше до Владата, барајќи да преземе одговорност откако на министерот за социјална политика, Фатмир Лимани му била одбиена визата за влез во САД.
-Вчера беше откриена шокантна вест – на министерот за социјална политика, демографија и млади во Владата на Северна Македонија му беше одбиена визата за САД, поради што беше принуден да ја откаже официјалната посета на ОН, Њујорк. Ова е сериозен удар за имиџот на државата, срам за институциите и алармантен показател за меѓународната дискредитација на оваа власт. Наместо да даде јасни објаснувања и да преземе одговорност, министерот ја одложи својата реакција и вечерта на социјалните мрежи призна дека има „ограничени движења“ поради неговото политичко минато, наводно обвинувајќи го својот поранешен ангажман, велат од партијата на Зијадин Села.
Според АА, „ова е чиста манипулација“ и дека „единствениот важен факт е дека на владиниот министер му е забранет влезот во САД“. Според партијата, ова не може да помине без последици. Оттаму Алијанса бара итна оставка или разрешување на Лимани.
-Алијансата за Албанците ќе инсистира овој срам да не се прикрива. Одговорноста мора да биде јасна и итна, стои во ставот на опозициската партија.
Во меѓувреме се огласи и министерот. Според Лимани, пречката за “слободното движење”, како што вели, произлегува од фактот дека „жртвував сè за да го вратам Али Ахмети (заедно со неговите деца и пријателите) во неговата татковина, користејќи начини и средства забранети според меѓународното право“.
-Ова нека служи како потсетник дека идните генерации мора внимателно да избираат кому му веруваат и за што се жртвуваат, за да не се осудат на вечно ропство. Ако сакате подетално објаснување, кажете му на Ахмети да одбере една телевизиска куќа и ќе бидете поинформирани…Движењето и “борбата” за права на мојот народ ме “осудува”, а вас криминалот и кражбите на вашиот народ, порача Лимани преку социјалните мрежи.