Тренерот на Барселона, Чави Ернандез, не можеше да отпатува со тимот во САД поради административни проблеми. Чави беше три пати во Иран за време на неговиот период како играч на катарскиот Ал Сад и затоа му треба посебна дозвола за да биде пуштен на американско тло.
Според „Мундо Депортиво“, административното прашање ќе биде решено и каталонскиот тренер треба да се приклучи на претсезонската турнеја на тимот во Мајами во наредните денови.
Последниот натпревар на Чави како фудбалер со Ал Сад беше токму во Техеран. Раководството на Барселона дури во петокот попладне дозна дека тренерот не ги исполнува сите услови за влезна виза за САД и случајот ќе може да го реши дури во понеделник.
Барселона на 19 јули ќе игра против Интер Мајами на Флорида. Потоа следуваат натпреварите со Реал Мадрид во Лас Вегас на 23 јули, Јувентус во Далас на 26 јули и Њујорк Ред Булс во Њу Џерси на 30 јули.