САД не поддржуваат ниту „Голема Албанија“ ниту „Голема Србија“

од Nikola Popovski
343 прегледи

Говорејќи за неодамнешната посета на косовскиот премиер Албин Курти на Северна Македонија, амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Косово, Џефри Ховениер истакнал дека САД не ја поддржуваат ниту „Голема Албанија“ ниту „Голема Србија“, пренесува „Газета Експрес“.

Ховениер нагласил дека видел коментари во кои постои загриженост за идејата за „Голема Албанија“ по посетата на Курти на Северна Македонија, каде беше истакнато знаме со оваа идеја на собирот во центарот на Тетово.

Соединетите Американски Држави не поддржуваат „Голема Албанија“, ниту „Голема Србија“, ниту пак прекројување на државните граници во балканскиот регион. Секој обид да се направи тоа би бил контрапродуктивен и дестабилизирачки. САД силно го поддржуваат територијалниот интегритет на сите земји од Западен Балкан, вклучително и Косово, рекол Ховениер.

Посетата на Курти на опозициските албански партии во земјава предизвика бурни реакции кај македонските власти, пред се поради знамето на „Голема Албанија“ и изјавите за Курти како „премиер на сите Албанци“.

Повод за доаѓањето на косовскиот премиер минатиот петок беше отворањето на улица во скопската општина Чаир, која дотогаш го носеше името „Втора македонска ударна бригада“. На тој ден таа свечено беше преименувана во улица „Адем Демачи“. После тоа, Курти замина во Тетово. Тој во таа прилика порача дека Скопје треба да се приближи кон Косово, Албанија и Бугарија, а подалеку од Србија.

Слични содржини