САД очекуваат С.Македонија да го одржи духот на Договорот од Преспа

од Nikola Popovski
173 прегледи

САД очекуваат С. Македонија да го одржи духот на договорот од Преспа, а јавниот дискурс да биде базиран на факти. Вака велат од Стејт Департментот во изјава за ВОА на македонски јазик.

Се додава дека САД остануваат посветени на Преспанскиот договор.

-Очекуваме Северна Македонија да го одржи овој дух и јавниот дискурс да остане базиран на факти и вкоренет во посветеноста на иднината на Северна Македонија во ЕУ, одговорил портпаролот на Стејт департментот, на прашањето дали САД се загрижени за можно поткопување на Договорот од Преспа.

Претседателот на САД Џо Бајден, во 2021 година потпиша извршна наредба, со која се предвиде замрзнување на имот и забрана за влез во САД на лица кои работат против Договорот од Преспа и Охридскиот рамковен договор.

На 17 јуни 2018 година, договорот насловен како „Конечна спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 и 845 на Советот за безбедност на Обединетите нации за престанување на важноста на Времената спогодба од 1995 и за воспоставување стратешко партнерство меѓу страните“ го потпишаа министрите за надворешни работи на Грција и на Македонија Никос Коѕијас и Никола Димитров.

Грчките меморандуми на чијашто ратификација се чека се однесуваат за забрзување на процесот на интеграција на Македонија во ЕУ, за формирање на координативен комитет за економска соработка и техничка спогодба за надгледување на летовите. Грчките власти досега не ги сменија ниту патните табли кои водат кон Македонија, а на некои од нив се уште може да се забележи референцата БЈРМ или пишува Скопје.

Договорот од Преспа и неговата имплементација се спомнуваат во изборната кампања на опозицијата пред претседателските избори, кои ќе се одржат на 24 април, а вториот круг на 8 мај, заедно со парламентарните избори.

Слични содржини