Американскиот Стејт департмент одобрил можна продажба на воена опрема и оружје на Хрватска во износ од 757 милиони долари, објави американската Агенција за одбранбена безбедносна соработка (DSCA).
Како што се наведува, предложената продажба на оваа опрема нема да го промени основниот воен биланс во регионот, јавуваат хрватските медиуми.
Покрај Хрватска, за купување американско оружје се заинтересирани Јужна Кореја, Саудиска Арабија, Бразил, Либан и Канада.
Како што е објавено на веб-страницата на „DSCA“, Стејт департментот донел одлука за одобрување на можна странска воена продажба на хрватската влада кога станува збор за обновување, модернизација и поддршка на 76 пешадиски борбени возила од типот „Бредли“ М2А2 и поврзана опрема по проценета цена од 757 милиони долари.
Предложената продажба се вели дека ја поддржува надворешната политика и националната безбедност на САД преку подобрување на безбедноста на сојузниците на НАТО.
Исто така, ќе придонесе за целта на Хрватска да ги подобри своите воени можности, како и да ја зајакне меѓуоперативноста на САД и другите сојузници.