Американскиот Стејт департмент соопшти дека ја одобрил продажбата на опрема и услуги за Украина за поддршка и одржување на системи за противвоздушна одбрана (ПВО) од американско производство, во вредност до 180 милиони долари.
„Владата на Украина побара купување опрема и услуги за обука, одржување и модернизација на постоечките системи за противвоздушна одбрана од американско потекло“, се наведува во соопштението на Агенцијата за одбранбена соработка и безбедност при Стејт департментот, пренесува Укринформ.
Продажбата на опрема и услуги опфаќа, меѓу другото, ремонт и одржување на купената опрема, резервни делови, обука на персоналот, инженерски, технички и логистички услуги.
Опремата и услугите ќе ги обезбедат американските компании Sierra Nevada Corporation и V2X. Во документот не е прецизирано кој ќе ги плати или надомести трошоците според договорот.