Тела на осум лица се пронајдени во куќа во предградието на американскиот град Тулса, Оклахома, а полицијата го истражува случајот како можно убиство или самоубиство.
Според информациите во медиумите убиени се шест деца, а наводно ги убиле двајца возрасни кои исто така биле пронајдени мртви. Убиените деца биле на возраст од 1 до 13 години.
Американските медиуми јавуваат дека истрагата за ова злосторство во кое загинаа вкупно 8 лица е во тек.
Во куќата каде што се пронајдени телата избувнал пожар, а противпожарната служба и полицијата сметаат дека ниту една од жртвите не починала како последица на пожарот, туку се работи за убиство и самоубиство.
„Засега не веруваме дека некоја од жртвите умрела како последица на пожарот, но конечната причина за смртта ќе ја утврди лекарот“, изјави локалниот шеф на противпожарната служба Џереми Мур.
Кога влегле екипите, пред домот пронашле две мртви возрасни лица со повреди кои покажувале знаци на насилство. Телата на децата биле во спалната соба на задниот дел од куќата, просторијата каде што избувнал пожарот.