Војската на САД во понеделникот соопшти дека забележала „формирање отпад“ во вселената, а еден официјален претставник рече дека Русија извршила тестирање на антисателитско оружје (ASAT).
Експертите велат дека антисателитското оружје кое ги разбива нивните цели претставува опасност поради создавањето облаци од фрагменти кои можат да се судрат со други објекти, што може да предизвика верижна реакција на проектили во орбитата на Земјата, пренесе Хина.
„Ние активно работиме на карактеризирање на полето со отпад и ќе продолжиме да гарантираме дека сите земји присутни во вселената ги имаат потребните информации за маневрирање со сателитите во случај на судир“, се вели во соопштението на американската вселенска команда.
Американски официјален претставник за Ројтерс анонимно изјави дека првите извештаи покажуваат дека Русија извршила тестирање на антисателитско оружје во текот на викендот.
Соединетите Американски Држави ги направија првите тестови на антисателитско оружје во 1959 година, кога самите сателити беа ретки и нови.
Русија во април минатата година изврши тестирање на антисателитска ракета, а официјални лица посочуваат дека вселената ќе биде сè поважна за модерното војување.
Во 2019 година, Индија собори еден од своите сателити во ниската орбита на Земјата.