Американската команда за специјални операции за Европа (SOCEUR) ќе отвори база во Албанија на ротирачка основа, објави во четвртокот албанскиот премиер Еди Рама.
SOCEUR, со седиште во Штутгарт, Германија, на својата веб-страница објави дека базата во Албанија ќе обезбеди поголема соработка со албанските сојузници, важен пристап до транспортните центри на Балканот и поголема логистичка флексибилност.
„Ова е фантастична вест – тоа е одраз на многу висок кредибилитет и многу блиска соработка“, рече Рама во видео пораката во која ја прочита изјавата на SOCEUR.
Албанија е членка на НАТО од 2009 година.
Специјалните сили, високо обучени и опремени со напредна комуникациска опрема и оружје, често се користат во антитерористички или извидувачки операции и можат да се инфилтрираат во непријателските линии.
Сè уште не е јасно каква ќе биде улогата на овие американски сили во Албанија.
Соединетите Држави веќе имаат 600 војници стационирани во Косово со цел да се одржи кревкиот мир повеќе од две децении по војната таму.