Администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден постигна „тивок договор“ со Катар за да ја спречи Доха да ослободи 6 милијарди долари од иранските нафтени фондови, до кои САД се согласија дека Техеран ќе има пристап во замена за ослободување на неколку американски заложници.
Како што пренесува CBS, од почетокот на нападите на палестинската милитантна група Хамас врз Израел, САД се соочуваат со голем притисок да ги блокираат средствата наменети за Иран, поради поддршката на Техеран за Хамас.
Претходно денеска американскиот државен секретар Ентони Блинкен најави дека, покрај Катар и Јордан, по заминувањето од Израел ќе патува и во Саудиска Арабија, Египет и Обединетите Арапски Емирати.
Таканаречената „шатл“ дипломатија на САД во регионот има за цел да го спречи ширењето на конфликтот меѓу Израел и Хамас, како и ослободувањето на заложниците, во заеднички напори со Египет и Израел, со цел да се отвори хуманитарен коридор од Газа.
„Во секој од овие ангажмани, ќе продолжиме да ги притискаме земјите да помогнат да се спречи ширењето на конфликтот и да ја искористиме нашата моќ за да го натераме Хамас веднаш и безусловно да ги ослободи заложниците“, изјави Блинкен за новинарите во Тел Авив.