САД се подготвуваат да му продадат оружје на Тајван за 1,1 милијарда долари

од Vladimir Zorba

Администрацијата на претседателот Џозеф Бајден планира да побара од американскиот Конгрес да одобри продажба на оружје на Тајван во вредност од 1,1 милијарда долари, вклучувајќи 60 противбродски проектили и 100 проектили воздух-воздух, објави порталот Политико, повикувајќи се на добро информирани извори.

Според Политико, три извори, кои побарале анонимност поради чувствителноста на ова прашање, рекле дека фокусот треба да биде ставен на одржувањето на постоечките воени системи на Тајван за исполнување на редовните мисии, наместо да се развијат нови системи и способности, кои најверојатно ќе ги разгорат веќе загреаните тензии со Кина.

Американските власти ја нагласуваат нивната континуирана поддршка за владата во Тајпеј, а одредени точки во процесот на одобрување помош за Тајван би можеле да бидат објавени во наредните недели или месеци, пренесе Ројтерс.

Пекинг организираше невидени поморски и воздушни вежби околу островот за кој тврди дека е негова територија, во знак на протест поради посетата на Тајпеј на претседателката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси претходно овој месец, зголемувајќи ги тензиите на највисоко ниво во последните децении.

Американските политичари го посетија Тајван во три наврати од посетата на Ненси Пелоси, а последната беше сенаторката од Тенеси Марша Блекбурн, која во петокот се состана со тајванскиот претседател Цаи Инг-вен.

Слични содржини