САД се „многу загрижени“ за она што Кина го прави во врска со хиперсоничните ракети, изјави постојаниот претставник на САД задолжен за разоружување, Роберт Вуд, денеска во енева.
„Многу сме загрижени што Кина работи на хиперсонични ракети“, рече амбасадорот, кој следната недела го напушта градот по седум години во енева и се враќа во Вашингтон.
Фајненшл тајмс во саботата објави дека Кина лансираше хиперсонична ракета со нуклеарен капацитет во август, што направи круг околу Земјата во орбита пред да се спушти кон својата цел, која ја промаши.
Кина денеска го негираше тоа, наведувајќи дека станува збор за рутински тест на вселенско летало, каде што била тестирана технологијата на вселенско летало за повторна употреба, изјави за новинарите Џао Лиџијан, портпарол на кинеското Министерство за надворешни работи.
Американскиот амбасадор рече дека и Русите имаат капацитети за хиперсонични ракети и додаде дека САД се воздржуваат од воениот развој на таа технологија, но дека немаат друг избор освен да реагираат во иста смисла во споредба со развојот на тој тип оружје.
САД се уште немаат хиперсонични ракети во својот арсенал, но тие работат на тоа. Научното крило на американската армија Дарпа неодамна објави дека успешно ја тестира својата хиперсонична ракета HAWC.
Во 2019 година, Кина ја претстави хиперсоничната ракета ДФ-17. Ова оружје со среден дострел (околу 2.000 километри) може да носи нуклеарни глави.
Ракетата за која пишува „Фајненшл тајмс“ може да стигне до вселената, да се стави во орбитата, а потоа да ја премине атмосферата пред да ја погоди својата цел, така што нејзиниот дострел е многу поголем.