САД со депортирање го извезуваат вирусот во Латинска Америка

од Vladimir Zorba
173 прегледи

Соединетите држави строго го ограничија влезот во земјата за време на пандемијата, но во исто време се одвиваат летови кон латиноамериканските земји и авионите се полни со луѓе, кои се депортирани во нивните земји на потекло, пишува „ДВ“ и посочува дека многу од нив се заразени со коронавирусот.

Во коментарот се посочува дека Вашингтон бил критикуван за извоз на вирусот во земји чии здравствени системи не можат да се справат со инфекцијата преку вакви невнимателни практики.

Хаити, земја со единаесет милиони жители, има 60 респиратори, а дури откако беше објавен извештајот во „Мајами Хералд“, запрено е протерувањето на пет државјани на Хаити кои биле заразени со вирусот.

„Американската влада е одговорна за ширење на пандемијата“, напиша Аријана Соер, која се занимава со имиграциските прашања во невладината организација „Хјуман рајтс воч“.

Таа посочува дека американската служба за имиграција ги протерала луѓето чиј тест за коронавирусот бил позитивен, и покрај ограничувањата на патувањето низ целиот свет и препораките на здравствените експерти.

Гватемала е меѓу земјите најтешко погодени од ваквите американски практики, а владата на таа земја во последните неколку недели одби да ги одобри летовите од Соединетите држави, но се уште не сака да влезе во посериозен конфликт со моќниот Вашингтон.

„ДВ“ наведува дека висок функционер на администрацијата Трамп изјавил за списанието „Њујоркер“ дека „Соединетите држави немаат време за глупостите на Гватемала“ и дека „присилното враќање мора да се продолжи“. Трамп исто така се закани со санкции против земјите кои одбиваат да одобрат вакви летови.

Гватемалскиот министер за здравство Уго Монро тврди дека 50 до 75 проценти од депортираните имаат коронавирус. Меѓутоа, кога претседателот на Гватемала, Алехандро Џаматеи, официјално се пожали на високиот процент на заразени, Вашингтон ги испратил своите здравствени експерти во Гватемала.

Тие испитале 12 случајно избрани лица кои пристигнале на депортациски летови од Соединетите држави и сите, според податоците на претседателот на Гватемала, биле позитивни за коронавирусот.

Министерот за здравство на Гватемала ги нарече САД „Вухан на американскиот континент“, што е алузија за кинескиот град каде избувна епидемијата.

На инсистирање на владата на Гватемала, американските институции одговорни за депортација направија некои отстапки, така што ќе бидат испитани лицата кои се наменети за присилно враќање. Кој има температура повисока од 37,2, нема да се качи во авионот, туку ќе оди во карантин.

Сепак, прегледите ги вршат државни службеници кои не се медицински образовани, па прашање е дали тој преглед навистина ќе биде надлежен.

Неколку демократски сенатори, вклучувајќи ги и поранешните претседателски кандидати Берни Сандерс и Елизабет Ворен, побараа сите мигранти да бидат тестирани пред депортацијата.

– Присилното испраќање на лица заразени со коронавирус ги прекршува хуманитарните и здравствените стандарди, кои нашата земја мора да ги почитува за време на пандемијата – велат сенаторите во писмото, испратено до државниот секретар Мајкл Помпео.