„Властите во САД изразија силна и јасна поддршка за регионалната иницијатива „Отворен Балкан”, а како импресивна беше оценета економската и политичката соработка која се развива меѓу трите земји членки, со можност истата да се проширува. Тие особено се заинтересирани да го поддржат овој поинаков Западен Балкан кој не е базиран на 90-те туку на денешната реалност во нашиот регион“ изјави Марјан Забрчанец, национален координатор за „Отворен Балкан“ и за регионални иницијативи во интервју за Нова ТВ.
Тој додаде дека САД се силно заинтересирани и практично го помагаат проектот и иницијативата, а како поле каде што ќе дадат најголема поддршка е привлекувањето на американски и европски инвеститори.
„Американските и европските инвеститори пред себе ќе гледаат потенцијали на цел еден регион, а не само на една земја. Бенефитот ќе биде повеќестран, за државите, за инвеститорите, но пред се за граѓаните кои живеат тука во Северна Македонија, Албанија и Србија“ рече Забрчанец.
Тој додаде дека проектот „Отворен Балкан“ е автентична интерпретација на Берлинскиот процес и засилувач на европксата интеграција на регионот.