Списокот на услови поставени од Русија за мораториум на борбените операции во Црното Море вклучува укинување на санкциите воведени од Европа, изјави американскиот државен секретар Марко Рубио. Потоа, портпаролката на ЕУ за надворешна политика Анита Хипер ги наведе некои од главните предуслови за промена или укинување на антируските санкции.
„Се подготвуваме да го процениме. Некои од тие услови вклучуваат санкции кои не се наши, туку се однесуваат на Европската унија“, рече Рубио за време на прес-конференцијата во рамките на посетата на Јамајка, коментирајќи ги условите на Русија.
Според него, по преговорите на Вашингтон со Москва и Киев во Саудиска Арабија, постои принципиелно разбирање за договор за мораториум на нападите во Црното Море.
-Решавањето на украинскиот конфликт бара преоценување на архитектурата на глобалните санкции, додаде тој.
Американскиот функционер, исто така, призна дека патот кон мирот во украинскиот конфликт нема да биде ниту брз ниту лесен.
„САД ќе ги анализираат и споредат барањата на Русија и Украина во контекст на регулирање на украинскиот конфликт и ќе му ги претстават на разгледување на американскиот претседател Доналд Трамп“, рече Рубио.
Портпаролката на службата за надворешна политика на Европската унија, Анита Хипер информира дека крајот на руската агресија против Украина и безусловното повлекување на сите руски воени сили од целата територија на Украина ќе бидат меѓу главните предуслови за промена или укинување на санкциите против Русија.
Хипер истакна дека во светло на разговорите за Украина во Саудиска Арабија и размислувањето за укинување на санкциите кон Русија, ЕУ има намера само да го зголеми притисокот од санкциите врз Москва.
„Главниот фокус на ЕУ, како и досега, е да изврши максимален притисок врз Русија користејќи ги сите расположливи средства, вклучително и санкции“, нагласи Хипер.
Во понеделникот во Ријад се одржа експертски состанок на „технички тимови“ од Русија и САД, кој траеше повеќе од 12 часа. Според рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, страните разговарале за безбедна пловидба во Црното Море. Русија се залагаше за обновување на Црноморската иницијатива во форма која би била прифатлива за сите, објасни Лавров и нагласи дека Москва не може да го прифати зборот на режимот во Киев за ова прашање.
Русија на преговорите ја претставуваа шефот на меѓународниот комитет на Советот на Федерацијата, Григориј Карасин и советникот на директорот на ФСБ, Сергеј Беседа. Во американската делегација беа Ендрју Пик, виш директор за Европа во Националниот совет за безбедност, Мајкл Антон, директор за планирање политика во Стејт департментот, како и помошник специјален пратеник за Украина Кит Келог и советникот за национална безбедност Мајк Волц.