Вакцинираните наставници и ученици не мора да носат маски во училишните згради, објави денеска Центарот за контрола и превенција на болести на САД (ЦДЦ) како дел од ажурирањето на упатствата за борба против коронавирусот.
„Ние сме во нова фаза од пандемијата за која сите сме многу возбудени“, рече Ерин Заубер-Шац, која ја предводи работната група ЦДЦ за подготвка на препораки насочени кон зачувување на безбедноста на Американците од коронавирус.
Таа додаде дека е време да се ажурираат упатствата, пренесува АП.
Американската агенција соопшти дека наставниците и учениците кои не биле вакцинирани треба да продолжат да носат маски во затворено.
Агенцијата сепак препорачува растојанието помеѓу учениците во училницата да биде најмалку еден метар, а кога тоа не е можно, се препорачува да се носат маски.
ЦДЦ не ги советува училиштата да бараат вакцинирање на подобри наставници и деца, ниту дава упатства за тоа како наставниците можат да знаат кои ученици биле вакцинирани или како родителите можат да знаат кои наставници биле вакцинирани.
Ажурирањето на мерките беше објавено за време на кампањата за вакцинација на национално ниво, во која се вакцинираат деца на возраст од 12 години, и во моментот кога има општ пад на бројот на хоспитализирани и починати како резултат на короната.
Препораките на ЦДЦ веројатно нема да влијаат на учениците на возраст под 12 години, за кои во моментов не се препорачува вакцина.