САД воведе санкции за бугарските функционери кои земаа пари за издавање пасоши на Македонци

од Nikola Popovski

Канцеларијата за контрола на странски фондови на Министерството за финансии на САД (ОФАЦ) денеска воведе санкции за уште тројца Бугари за нивната значајна улога во корупцијата во Бугарија, како и за техничките мрежи поврзани со нив, што опфаќаат 64 организации.

На списокот на санкционираните се наоѓаат бизнисменот и олигарх Васил Божков, поранешниот член на бугарскиот парламент Делјан Пееврски, како и поранешниот замени на шефот на државната агенција за технички операции (ДАТО) Илко Желјазков. Санкциите се воведени според „Глобалниот акт за човековите права Магнитски“, кој првенствено се однесува на кршењето на човековите права, но како што се појаснува во соопштението на американското министерство за финансии, бугарските државјани се ставени под санкции поради нивна инволвираност во „сериозна корупција“. Поради тоа санкционирани се и шеесеттината компании кои се поврзани со тројцата споменати.

Значајно е што меѓу лицата кои американскиот Стејт Департмент ги стави на црна листа се и двајцата поранешни функционери на Државната агенција за Бугарите во странство, Петар Харалампиев и Красимир Томов, кои се обвинети дека организирале шема за земање мито за издавање бугарски пасоши на Македонци.

„Корупцијата не само што ги лишува граѓаните од ресурси, туку може да ги загрози институциите чија цел е да ги заштитат. Со овие санкции, ние покажуваме дека сме посветени на борбата против корупцијата, каде и да е“, рече Андреа Гацки, директорката на Канцеларијата за контрола на странски фондови во Министерството за финансии на САД.

Со оваа одлука на Стејт Департментот, на Харалампиев и Томов, како и на нивните семејства им е забранет влез во САД. Двајцата беа уапсени во 2018 година, како дел од акцијата на бугарската полиција против раководството на Државната агенција за Бугарите во странство, преку која што се издаваат државјанствата.

Слични содржини