Денеска, САД воведоа санкции против иранското Министерство за разузнавање и безбедност и релевантниот министер Есмаил Хатиб, обвинувајќи ги дека се поврзани со сајбер-нападот врз Албанија.
Во соопштението на американското Министерство за финансии, се наведува дека иранската разузнавачка служба учествува во сајбер активности против САД и нивните сојузници, пренесува Радио Слободна Европа.
Потегот на САД доаѓа откако Албанија ги прекина дипломатските врски со Иран во средата. Албанија го обвини Иран за сајбер нападот во јули и им нареди на иранските дипломати и персоналот на амбасадата да ја напуштат земјата во рок од 24 часа.
Американското Министерство за финансии во соопштение рече дека иранското Министерство за разузнавање и безбедност управува со неколку мрежи за сајбер закани, вклучително и оние кои се вклучени во сајбер шпионажа и хакерски напади.
„Иранскиот сајбер напад врз Албанија ги занемарува нормите на одговорно мирнодопско однесување на државите во сајбер просторот“, рече заменик-секретарот за финансии на САД Брајан Нелсон.
Во вчерашното соопштение НАТО ги потврди изјавите на Албанија и другите сојузници, во кои одговорноста за сајбер нападот и ја препишаа на владата на Иран.
Техеран силно ја осуди одлуката на Тирана да ги прекине дипломатските врски, нарекувајќи ги причините на Албанија за овој потег „неосновани тврдења“.