Трговскиот дефицит на САД се намали на 58,3 милијарди долари во август од 64,7 милијарди долари во јули, објави американското биро за економски анализи (BEA). Тоа е најнискиот трговски дефицит на САД од септември 2020 година.
Вредноста на извозот во август изнесува 256 милијарди долари, за 4,1 милијарди повеќе отколку во јули, соопшти BEA.
Месечен пораст на извозот на горива, фармацевтски производи, полупроводници и финансиски услуги е забележан, додека истовремено опаѓа извозот на патнички возила, камиони и автобуси.
Намален и дефицитот со Кина
Вредноста на увозот во август изнесува 314,3 милијарди долари, за 2,3 милијарди долари помалку од јули, се наведува на веб-страницата на оваа организација.
Најмногу опаднал увозот на мобилни телефони, полупроводници и електрични уреди, а во исто време се зголемил увозот на сурова нафта и на услуги поврзани со патување и транспорт.
Трговскиот дефицит на САД со Кина се намали месечно за 1,3 милијарди долари на 22,7 милијарди долари, што претставува најнизок дефицит во последните пет месеци, пренесува „Танјуг“.