Американскиот државен секретар Ентони Блинкен изрази загриженост поради планираниот потег на Русија да ја повлече ратификацијата на Договорот за сеопфатна забрана на нуклеарни тестови (CTBT).
„Ќе продолжиме да укажуваме на неодговорноста на неодамнешната руска реторика во врска со тестирањето на експлозивно нуклеарно оружје и CTBT. Ова ги продолжува вознемирувачките и погрешните напори на Москва да ги зголеми нуклеарните ризици и да ги подигне тензиите додека ја води својата нелегална војна против Украина“, рече Блинкен, сe наведува во соопштението на Стејт департментот.
Руските власти велат дека планираниот потег на Русија да ја повлече ратификацијата не значи дека ќе продолжат со тестирањето, а Блинкен ја повика Москва да остане на тие изјави.