Саемот на книга по втор пат успешно се реализираше на отворен простор во комплексот на А1 Арена – СЦ Борис Трајковски. Издавачките куќи присутни на овогодинешниот саем на книга изразија задоволство од концепциската поставеност, континуитетот на саемот и безбедните услови за негово непречено одржување.
Интересот за читање на сите видови литература е во постојан подем во последните неколку години што ja покажува и бројката на посетители која и во овие пандемиски услови достигна 15.000.
На саемот се претставија над 60 изложувачи, се организираа бројни промоции на нови изданија и автори во Промотивниот центар и на штандовите на издавачите. За време на саемот на книга, се доделија и наградите од Македонската асоцијација на издавачи (МАИ), како и наградите од Здружението на издавачите и книжарите на Македонија (ЗИКМ).
Дополнителен мотив за организирање на ваков настан е податокот дека домашните автори доаѓаат до израз, и радува фактот што младата популација и оваа година зазема значителен дел од вкупната бројка на посетители на саемот.
Саемот е поддржан од Министерството за култура на Република Северна Македонија и Град Скопје.