Сагарц: Ги исполнивте сите услови за почеток на преговорите со ЕУ

од desk4
170 прегледи

Ја забележувам и ја разбирам вашата разочараност поради застојот во процесот на еврооинтеграции бидејќи земјата ги исполни сите услови за почеток на преговорите за членство, рече известителот во сенка за Македонија од Европските народни партии во ЕП, Кристијан Сагарц, на средба со спикерот Талат Џафери.

Според европратеникот Европската Унија своите напори треба да ги насочи кон што е можно побрзо отворање на пристапните преговори. Европскиот гостин кој е во дводневна посета на Македонија го пренесе ставот на ЕПП „дека Европската Унија ќе биде цела, само доколку се вклучат и земјите од Западен Балкан“.

Спикерот Џафери на својот гостин му посочил дека посетата е добра можност, да добие јасна слика за актуелните состојби и за портфолиото на државата, околу нашата подготвност да ги почнеме преговорите врз основа на исполнети критериуми и заслуги.

Изрази благодарност до Република Австрија за силната посветеност околу обезбедувањето на европска перспектива за земјите од регионот и да го откочи и забрза процесот на нашето интегрирање во Европската Унија.

– Во врска за актуелниот застој во преговорите за македонското членство во ЕУ се надевам дека по формирањето на институциите во Бугарија ќе се интензивира дијалогот за изнаоѓање решение за одржување на првата меѓувладина конференција која ќе го означи почетокот на преговорите за членство во Европската Унија, рече Џафери.

Тој истакна дека Собранието континуирано работи на агендата за евроинтеграции и е подготвено за сите следни чекори што ја очекуваат земјата на патот кон Европската Унија, а информираше и за претстојниот попис во Септември и за одржувањето на редовните локални избори во октомври.

Б.Т.