Иван Чупиќ (39) потпиша двегодишен договор со Вардар, а раководството покажа голема доверба во него доверувајќи му го водењето на првиот тим.
Во досегашната тренерска кариера, тој го водеше само својот матичен клуб Метковиќ, со кого успеа да остане во Првата лига. Тоа беше доволно да ги убеди челниците на „црвено-црните“ дека заслужува шанса на клупата на двократниот европски шампион.
Да потсетиме дека Иван Чупиќ беше и играчка легенда на „Вардар“. Со скопскиот клуб освои две титули европски шампион и беше еден од клучните играчи на тимот. Сега се враќа во клубот со нова мисија – да го врати „Вардар“ на тронот на македонскиот ракомет.
„Среќен сум и благодарен на мојот клуб Метковиќ затоа што веднаш ми дозволија да си заминам кога стигна повикот од Вардар. Сите знаете колку ми значат Вардар, Скопје, Македонија и „Комити“. Сакам да ветам дека јас и мојот тим ќе го претставуваме овој голем клуб со целосна одговорност. Не секој има среќа да може да работи под притисок, а тоа е привилегија во нашиот спорт. Свесен сум дека како млад тренер добивам неверојатна можност да водам ваков клуб, што не им се дава на сите. Најважно за мене е јас и мојот персонал да го претставуваме Вардар на вистинскиот начин. Сакам Скопје повторно да се заљуби во ракометот, да ги повтори натпреварите како оној со Пелистер“, рече Чупиќ на презентацијата и додаде:
„Со мојот нов тренерски персонал сакам да донесам ентузијазам, желба и почит кон амблемот на овој клуб. Ќе го направиме тоа од првиот ден. Вардар е клуб поголем од сите нас поединечно. Со голема страст и амбиција сакам да ги исполнам целите на клубот. Можам да ветам дека ќе се однесуваме професионално и секогаш ќе го ставаме клубот пред себе. Ќе работиме напорно за да го вратиме Вардар на врвот по три години, каде што му е местото. Тимот е формиран во согласност со амбициите и сум многу задоволен од тимот што го имам. Но, мора да биде јасно – сите сме на „проба“ до следниот јуни. Од нас зависи да работиме добро за да ги исполниме целите. Не барам нови играчи, засега сè изгледа во ред“, заклучи Чупиќ.
Во Вардар работи уште еден хрватски тренер, Марио Келентриќ, кој е тренер на голманите, а информациите велат дека Игор Карачиќ ќе ја преземе функцијата спортски директор.