Сакаме да бидеме корисни и да направиме сè за отворање на преговорите на Македонија, вели Бомгартнер

од Берта Китинска
269 прегледи

Најмногу сакаме да бидеме корисни и да направиме сè што ќе помогне да се подобри состојбата со цел да се придвижат позициите, да се постигне договор и да се отворат преговорите за Македонија. Доколку ова е можно во време на француското претседателство, тогаш сето тоа ние и ќе го направиме, изјави амбасадорот на Франција во земјава, Сирил Бомгартнер на денешната прес-конференција на којашто ги претстави програмата и приоритетите на француското претседателство со Советот на Европската Унија.

Говорејќи за договорот со Фронтекс францускиот амбасадор истакна дека со постигнување договор меѓу Софија и Скопје, ќе се овозможи и деблокада на ова прашање, односно со усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција ќе се разреши и тој договор.

Што се однесува до улогата што Франција може да ја одигра во преговорите меѓу Скопје и Софија, тој вели дека не е прашањето дали, туку како можат да бидат корисни со цел да го поддржат процесот што е во тек.

– Денес прашањето за посредништво не е на маса од повеќе причини, бидејќи не е потребно посредништво и не треба трета страна, бидејќи двете страни треба да се договорат за воспоставување на дијалог бидејќи единствено нешто што посакуваме е колку што можеме да бидеме корисни за да можат да се испорачаат резултати за оваа важна земја, додава францускиот амбасадор.

Во однос на одвојување на пакетот Северна Македонија – Албанија за време на преговарачкиот процес, Бомгартнер истакна дека не станува збор за француски став и оти тоа е објективен и правен став.

– Правно нема тесна врска меѓу двете земји, но од друга страна ќе кажам дека има политичка одлука и дебата што беше во рамки на Советот и кога се случија тие дебати, заклучокот беше јасен. Во моменталните услови не се препорачува раздвојување, туку приоритет е да се обединат сите корисни напори за да се деблокира состојбата во спорот помеѓу Северна Македонија и Бугарија и со тоа да се отвори патот за почеток на преговорите и за двете држави, вели Бомгартнер.

Слични содржини