Напаѓачот на Ливерпул, Мохамед Салах има намера да го напушти англискиот клуб во текот на летниот преоден рок, пренесе „The Sun“. Според изворот, одлуката на Египќанецот е поврзана со заминувањето на менаџерот Јирген Клоп. Германскиот стручњак ќе го напушти клубот по завршувањето на сезоната 2023/24.
Главен претендент за играчот е Ал-Итихад. Раководството на клубот од Саудиска Арабија е подготвено да издвои баснословни 233 милиони евра за неговите услуги.
Сезонава 31-годишниот Салах одигра 38 натпревари, постигна 24 гола и 13 асистенции. Договорот на играчот со тимот е до крајот на јуни 2025 година. Порталот „Трансфермаркт“ ја проценува вредноста на крилниот напаѓач на 65 милиони евра.
Ливерпул е трет во поредокот на англискиот шампионат со 71 бод од 32 натпревари. „Црвените“ заостануваат 2 бода зад лидерот Манчестер Сити.