Мохамед Салах даде огромен придонес во чистата победа на Ливерпул од 4-0 на „Енфилд“ против Манчестер Јунајтед во одложениот натпревар од 30. коло на Премиер лигата. Победата не само што им донесе радост на играчите од Мерсисајдс во едно од највозбудливите дербија во историјата на фудбалот, туку им овозможи и привремено да излезат на првото место во поредокот на англискиот шампионат, со 2 бода пред Манчестер Сити. Сепак, „граѓаните“ имаат меч помалку во борбата за титулата.
Салах во петтата минута му асистираше на Луис Дијаз за првиот гол на мечот, а потоа египетскиот напаѓач на средината на првото полувреме го зголеми резултатот на 2-0, додека на пет минути пред крајот го постави конечниот резултат со својот втор гол во дербито.
Така Салах го запиша своето име во историјата како првиот играч во Премиер лигата кој постигнал пет гола за Манчестер Јунајтед во една сезона. Во победата од 5-0 на Ливерпул против истиот ривал на „Олд Трафорд“ во октомври минатата година, Салах постигна „хет трик“.
Покрај тоа, 29-годишниот Египќанец стана само вториот играч кој постигнал гол и асистенција дома и на гости против „црвените ѓаволи“ во една сезона во Премиер лигата. Пред него тоа успеа да го направи само поранешната ѕвезда на Арсенал, Месут Озил во сезоната 2015/16.
Манчестер Јунајтед дефинитивно нема добро да ја памети вечерта. Ливерпул е тимот кој историски има постигнато најмногу голови (74) во мрежата на „црвените ѓаволи“ во Премиер лигата.
Исто така, треба да се напомене дека Ливерпул оваа сезона го совлада Манчестер Јунајтед со комбиниран резултат на двата првенствени натпревари помеѓу двата тима 9:0. Во текот на својата историја, Манчестер Јунајтед има само еден потежок комбиниран пораз – 0:11 против Сандерленд во 19 век (сезона 1892/93).