Напаѓачот на Ливерпул, Мохамед Салах реагираше на социјалните мрежи по победата на Реал Мадрид од 3-1 во реваншот со Манчестер Сити во полуфиналето на Лигата на шампионите и пласманот на „Белиот балет“ во финалето на натпреварувањето. Тој објави краток коментар со зборовите: „Имаме сметки за расчистување“.
Египќанецот има предвид дека „црвените“ ќе сакаат да се реваншираат за поразот во финалето на турнирот во 2018 година, кога Мадрид победи со 3:1.
Впрочем, тој вчера сакаше Реал да му биде противник на Ливерпул во финалето во Париз.
„Сакам да играм со Реал Мадрид, да бидам искрен. Сити е тежок противник со кој игравме неколку пати оваа сезона и добро се познаваме. Но јас лично повеќе сакам да играм со Реал. Причината е што загубивме од нив и сакам шанса за реванш. Се надевам дека ќе победиме“, изјави тогаш Салах.