Големите успеси кои Мохамед Салах ги постигна во кариерата ќе станат предмет кој ќе биде вклучен во програмата на египетските основни и средни училишта со цел дополнително да ги инспирира децата да постигнат успех во животот, пренесуваат американските медиуми.
Како што се наведува, спортските успеси на напаѓачот на Ливерпул и еден од најдобрите светски фудбалери ќе се учат во пониските одделенија, а учениците од повисоките одделенија ќе учат што сѐ направил Салах за да врати дел од успехот на општеството.
Во учебниците стои дека „Салах сака да им помага на другите, бидејќи сака да им даде шанса на децата да успеат во животот“.
Салах е пример за милиони Египќани кои му го дадоа прекарот „Создавач на среќата“.
Крилниот напаѓач на Ливерпул настапува за националниот тим од 2011 година и за тоа време на 73 настапи постигна 45 гола.
Покрај тоа, оваа сезона тој е убедливо најдобар играч на тимот од Енфилд, а според Јирген Клоп, тој е и најдобар фудбалер на светот. Има дури 15 гола на 12 натпревари, најдобар стрелец е во англиската Премиер лига и втор најдобар во Лигата на шампионите.