Сали избран за прв вицепремиер на Владата

„За мене, ова назначување не е само позиција или титула, туку голема доверба и сериозна морална и национална обврска, да бидам во служба на секој граѓанин“, порача Сали

од Nikola Popovski
7 прегледи Фото: Фејсбук/Беким Сали

Министерот за европски прашања, Беким Сали објави дека е назначен за прв-заменик на премиерот Христијан Мицкоски.

„Со длабоко чувство на одговорност и скромност, сакам да ве информирам дека на денешната седница на кабинетот бев назначен за прв заменик-премиер. За мене, ова назначување не е само позиција или титула, туку голема доверба и сериозна морална и национална обврска, да бидам во служба на секој граѓанин, без никаква разлика, до целосно спроведување на проектите што се од суштинско значење за сите граѓани“, напиша Сали на Фејсбук.

Министерот од помалиот владин партнер, коалицијата ВЛЕН истакна дека оваа влада во текот на изминатите речиси две години, покажала дека кога има волја, визија и посветеност, резултатите не недостасуваат.

„Сепак, патот напред е сè уште долг. Нè очекуваат бројни проекти и сериозни предизвици. Времето нè чека. Затоа ќе продолжиме да работиме со максимална посветеност, енергија и висока мотивација, со цел секое ветување дадено на граѓаните да го претвориме во конкретни активности и видливи резултати“, напиша Сали.

Сали стана прв вицепремиер на местото на еден од лидерите на ВЛЕН и негов партиски колега, Изет Меџити кој стана градоначалник на скопската општина Чаир.

Владата има 20 министерства, наместо 16 што ги имаа претходните македонски влади, три министри се без ресор, при што премиерот има пет заменици.

Во владиниот кабинет, 15 члена се од коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДМНЕ, шест од ВЛЕН и двајца од партијата „Знам – За нашата Македонија“ на градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.