Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали остварил средба со европратеникот Томас Вајц, и главен известувач за извештаите на Европскиот парламент за напредокот на Република Северна Македонија кон членство во Европската Унија.
На средбата било разговарано за процесот на европска интеграција и за последниот извештај на Европскиот парламент за Македонија, усвоен со мнозинство гласови во јули 2025 година, во кој се нотира постигнатиот напредок и се нагласува потребата од отстранување на политичките блокади во процесот на пристапување.
Сали изразил благодарност за континуираната поддршка од страна на европратеникот Вајц, при што бил реафирмиран ставот дека билатералните прашања не треба да претставуваат пречка за напредокот на европската интеграција.
-Европратеникот Вајц истакна дека процесот на проширување треба да се темели на објективни критериуми и европски вредности. Двајцата соговорници се согласија за продолжување на блиската соработка и отворениот дијалог со институциите на Европската Унија, со цел забрзување на европскиот пат на Република Северна Македонија, стои во соопштението од Министерството за европски прашања.