Стручната комисија за случајот со починатиот 25-годишен пациент од Берово после хируршка интервенција на заб е веќе формирана, но се чека финален извештај од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ). Откако извештајот ќе стигне до Министерството, Комисијата ќе заседава врз основа на целата процедура, изјави денеска министерот за здравство Беким Сали одговарајќи на новинарско прашање во ГОБ „8 Септември“.
Министерот нагласи дека откако ќе го докомплетираат целосниот случај со извештајот од ДСЗИ и стручната Комисија ќе излезат во јавност и ќе образложат.
– Сметам дека наши пациенти честопати знаат покасно да се јават во здравствените установи кога за жал честопати немаме веќе што да направиме повеќе од тоа што е направено, но во конкретниов случај ќе дозволиме на стручните лица тоа да го кажат, додаде Сали.