Спортскиот директор на Баерн Минхен, Хасан Салихамиџиќ денеска изјави дека клубот не се обидува да го привлече Хари Кејн од Тотенхем.
Баерн летово го продаде својот најдобар стрелец Роберт Левандовски на Барселона и се шпекулираше дека ќе го доведе напаѓачот од лондонскиот тим.
„Ова се гласини. Сега одиме на поинаков начин. Манчестер Сити и Ливерпул со години беа успешни без класична деветка“, изјави Салихамиџиќ за „Зидојче Цајтунг“.
Баерн мораше да го засили нападот откако го ослободи Левандовски, кој побара да си замине. Германскиот шампион го доведе Садио Мане од Ливерпул за 33,5 милиони евра, а го продолжи договорот со Серж Гнабри.
„Би можеле да замениме четири играчи со речиси ист квалитет на четири позиции. Ваков офанзивен квалитет е реткост во Европа. Сега е работа на тренерот и неговиот тим да го вклопат“, изјави спортскиот директор на Баерн.
Баерн летово ги доведе и Матијс де Лихт од Јувентус, Матис Тел од Рен, Рајан Гравенберг и Нусаир Музрази од Ајакс за повеќе од 137,5 милиони евра.
Кејн е под договор со Тотенхем до летото 2024 година и се очекува да го продолжи договорот за уште неколку сезони.