СИТЕ ВО БАЕРН се разочарани по големиот пораз што беше забележан во Менхенгладбах во дуел од 2. коло од Купот во кој Борусија го совлада Баерн со 5:0.
Баерн долго време не претрпел ваков или сличен пораз. Последен пат загуби во Бундеслигата или ДФБ Покал со пет или повеќе голови разлика во 1978 година во првенството (1:7) од Фортуна Дизелдорф. Само две години претходно настрада уште потешко од Шалке, кога загуби со 0:7.
„Апсолутно сум шокиран. Јас и сите останати. Ова беше целосен распад на системот“, им рече на почетокот на германските новинари Хасан Салихамиџиќ, спортскиот директор на баварскиот клуб.
„Едноставно, воопшто не игравме на овој натпревар. Не се ни појавивме на теренот. Тоа можам да го кажам особено за првото полувреме во кое направивме се лошо, односно ништо не направивме. Во првото полувреме не добивме ниту еден дуел. Ужас“, прокоментира Салихамиџиќ.
На крајот од натпреварот Баерн имаше повеќе удари од противникот (15:13), како и удари кон голот (8:7), но сето тоа ништо не значеше за Баерн, кој убедливо загуби од противникот, кој инаку е во лоша форма. Борусија е дванаесетта во табелата во првата лига и остана без победа во последните два првенствени натпревари (Штутгарт, Херта).
„Имаше колективно пропаѓање во црна дупка и се што можеше – тргна низбрдо. Се надевам дека ова ќе биде само изолиран случај“, заклучи Салихамиџиќ.