Катедра на ромски јазик на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, културни центри во Скопје и во четири други поважни градови, 30.000 граматики, буквари и исто толку речници на ромски јазик, се само дел од барањата што денеска ги соопшти министерот без ресор задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022-2030, Шабан Салиу, по повод Меѓународниот ден на ромскиот јазик.
Во изјава за медиумите, Салиу рече дека очекува вистинско институционално системско решение за Ромите во однос на јазикот.
-Она што го очекувам, како дел од новата Влада, предводена од ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски, е да се издадат 30.000 граматики, 30.000 букварчиња, 30.000 речници на ромски јазик, како би можеле да ги поделиме во секоја ромска фамилија, рече Салиу.
Според Салиу, потребно е да се формира катедра на ромски јазик при УКИМ,да има квалитетни наставници и професори кои ќе предаваат ромски јазик во основните и средните училишта, како и вклучување на ромскиот јазик како задолжителен во училиштата каде мнозинството се ромски деца.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска по повод Денот на романскиот јазик истакна дека истиот е и потсетник дека мораме да го зачуваме овој јазик, да го негуваме и да се погрижиме дека ќе продолжи да живее и да се развива.
-Во последните неколку децении, се прават сериозни напори за заштита и унапредување на ромскиот јазик и култура. Сепак, се соочуваме со многу предизвици, бидејќи овој јазик е и понатаму под закана од губење поради асимилацијата и недостатокот на системска поддршка. Затоа, важно е да се потрудиме да ги охрабриме младите Роми да го зборуваат, учат и користат ромскиот јазик во нивните секојдневни животи. Образованието е од клучно значење. Образованието треба да биде достапно и инклузивно за сите, бидејќи само така ќе можеме да изградиме општество кое ги почитува сите култури и различности, порача премиерот.