Салиу: Итно расчистување на дивите депонии во Шуто Оризари

„Шуто Оризари нема време за празни зборови“, тврди Салиу

од Nikola Popovski
16 прегледи Фото: Шабан Салиу

Кандидатот за градоначалник на општина Шуто Оризари и претседател на Демократските сили на Ромите(ДСР), д-р Шабан Салиу и носителот на листата на кандидати за советници, Ферат Асан, вчера остварија средби со жителите на улиците Тиквешка, Клисурска, Дринска, Брсјачка, Злетовска, Нов Живот и Демирхисарска.

На терен беше јасно видлива состојбата со купишта отпад и неасфалтирани и калливи улици, што секојдневно им го отежнува животот на граѓаните.

Во разговор со жителите, тимот на ДСР ги претстави програмските приоритети насочени кон воспоставување ред во управувањето со отпадот, итно расчистување на дивите депонии и отпочнување на приоритетно асфалтирање на уличните коридори со јасни рокови.

„Шуто Оризари нема време за празни зборови. Потребни се итни, мерливи и видливи чекори што ќе донесат чисти улици, асфалт и функционални услуги. Нашиот пристап е јасен, а тоа се транспарентни рокови, јавна отчетност и партнерство со граѓаните за секој чекор напред,” порача д-р Шабан Салиу. Тој додаде дека целта е функционална и чиста општина со мерливи резултати и вистинска отчетност кон граѓаните, при што жителите ќе бидат директни партнери во следењето и оценувањето на напредокот.