Новинарот Фуркан Салиу се огласи преку Фејсбук профилот на неговиот интернет портал „PortaliX“. Во објавата новинарот Салиу нагласува дека е задржан во полициската станица во Автокоманда и дека поради објективни причини не може да се огласи преку неговиот личен Фејсбук профил.
Салиу кажа дека не ја нападнал полицијата, иако можеби влијаел врз ескалацијата на целата ситуација. Салиу наведува дека полицијата ги избришала снимените материјали, откако биле одведени во полициската станица во Автокоманда.
– Жал ми е што со моето однесување можеби влијаев ситуацијата да ескалира за да завршам со лисици. Жал ми е и ако ве разочарав вас што верувавте во мојата работа. Ве уверувам дека јас не ја нападнав полицијата. Иако се беше снимено, полицијата ги избриша материјалите во полициската станица, вели Салиу.
Новинарот посочува дека без судски налог, како и без негова дозвола бил извршен претрес на автомобилот од страна на специјалната единица на МВР, при што бил пронајден пиштол, за кој Салиу вели поседува дозвола.
– Пиштолот е со дозвола и пронајден во мојот автомобил. За време на моето апсење, телефонот и клучевите ми испаднаа од џебот и ги зеде снимателот. Без судски налог и без јас да бидам присутен како сопственик на автомобилот, беше претресен автомобилот од страна на специјалната единица. Делото за кое се товарам, напад врз полицаец, не држи вода и никогаш не може да се докаже. Ви благодарам за поддршката и се надевам дека ќе се видиме наскоро, стои во Фејсбук објавата на Салиу.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, вели апсењето е последица на извршен напад на полициски службеници, припадници на Единицата за брзо распоредување кои биле ангажирани за одржување на јавен ред и мир на фудбалски натпревар кој бил оценет како натпревар со безбедносен ризик.