Поранешниот грчки премиер Андонис Самарас побара од актуелниот претседател на грчката Влада, Кирјакос Мицотакис да ја промени надворешната политика во однос на Македонија. Тој смета дека Грција треба да се повлече од Преспанскиот договор.
Според Самарас, Мицотакис треба да стави вето за Македонија и Албанија на нивниот пат кон ЕУ.
-Да стави вето на Албанија и да подготви, преку создавање на силна правна и политичка група на експерти, повлекување од национално опасниот Договор од Преспа. Да стави вето како Бугарија, на секој чекор на Скопје, чиј иредентизам мораме сега и насекаде да го пријавиме. Целосно да се ревидира пријателството со Турција, со што во пракса ќе стане јасно дека не може да не уценуваат, да ни се закануваат, не се плашиме, рекол екс-премиерот при обраќање на промоција на книга, пренесуваат грчките медиуми.
Посочил дека „Договорот од Преспа е тој што го храни национализмот и аспирациите на некои комбинации на сили на Балканот“, додавајќи дека токму ова било цврстото мислење на основачот на Нова демократија Константинос Караманлис, повторувајќи ја неговата изјава „Македонија е една и таа е грчка“.
Уште во јуни 2018 година, Самарас порача дека со договорот за името, тогашниот премиер на Грција, Алексис Ципрас, провремено го затворил, но не го решил прашањето. Самарас сметаше дека решението или нема да издржи низ времето или ќе предизвика експлозии и нема да го стабилизира регионот.
-Овој договор, да запаметите, или нема да издржи или ќе предизвика експлозии. И Грција ќе се најде во полоши позиции. Единствено што постигнува е што го отвора патот за интеграција на Скопје во НАТО, ништо друго, го прескокнавте грчкото ветото и не решивте ниту еден проблем, рече тогаш Самарас обраќајќи му се на Ципрас.
Според него, договорот целосно го признава, како што вели, иредентизмот на македонската националност и македонскиот јазик, а нема ништо од ерга омнес.