Електрификација на автопатиштата во регионот за да се стимулира употребата на електрични автомобили, она што е тренд во светот, е проектот чија реализација ќе биде најавена на Самит 100 што ќе се одржи во Скопје на 16-ти и 17-ти овој месец.
Средствата за реализација на проектот Едисон, како што беше посочено на денешната прес конференција за претстојниот Самит 100 во Скопје, се обезбедени од ЕУ, а на конференцијата треба да бидат соопштени повеќе детали од страна на еврокомесарката за транспорт Виолета Булц.

Планирано е да се воведе електрификација на патна инфраструктура во должина од 2.400 км, што ги поврзува сите поголеми градови од регионот. Ова е регионален проект што е проеизлезен од иницијативата Самит 100, чија платформа е настаната во Словенија 2015 година.
Еден од главните говорници ќе биде еврокомесарката Булц на која ќе и се придружат реномирани бизнис лидери, претставници на водечките компании од регионот како Хидрија, АСА Груп, Атлас фондација, Атлантик група, Горење, БМВ, Подравка, Филип Морис, ББИ, Убер, Бамби и други, но и претставници од меѓународни финансиски инститиуции како Европската банка за обнова и развој, Меѓународната финансиска корпорација, Европската инвестициска банка, Светската банка и многу други претставници од бизнис сектор. Според претседателот на УО на Самит 100 и генерален директор на Алкалоид, Живко Мукаетов, настанот е уникатен и отвора можности за вистинска поврзаност и искористување на заедничкиот потенцијал на земјите од регионот.
– Самит 100 е создаден како регионална иницијатива и токму затоа членови во нашиот УО се претставници на стопанството од целиот регион на ЈИЕ. Како претседател на УО но и како директор на компанија која работи регионално и меѓународно, свесен сум за силата и значењето на заедничкиот настап и поврзаноста на нашите земји. Имено, гледано во светски рамки нашите пазари се мали, но обединувајќи ги интересите и капацитетите во заедничпки настап можеме да бидеме сериозно меѓународни конкурентни и истовремено да го свртиме вниманието на глобалниот бизнис кон инвестицискиот потенцијал на земјите од Западен Балкан, Хрватска и Словенија, рече Мукаетов.
Самитот официјално ќе го отворат претседателот на Бордот на Самит 100 Живко Мукаетов и претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, а ќе биде одржан и панел со премиерите на земјите од регионот. Потврдено е присуство на премиерот на Македонија, Албанија, Црна Гора, Косово и Хрватска, се очекува потврда и од БиХ. Јелена Радуловиќ програмски директор на Самит 100 истакна дека од година во година Самит 100 напредува и секогаш му се додава по некоја нова димензија на иницијативата./МИА