Денес на самитот ЕУ-Западен Балкан во Брдо, Словенија уште еднаш ќе биде потврдена заложбата на ЕУ за продолжување на процесот на проширување. Но, притоа ќе биде потенцирано дека способноста за прием на нови членки ќе зависи од натамошниот развој на ЕУ.
Самит е добра прилика за лидерите од ЕУ да се сретнат со претсавниците од Македонија и Бугарија за да видат како може да се помогне во решавање на билатералниот спор. Решавањето на ова прашање посочуваат дека е екстремно важно, бидејќи со тоа ќе се влијае и на кредибилитетот на Унијата.
За тоа што очекува од претстојниот самит, политичкиот аналитичар Благојче Атанасовски за „Локално“ вели дека формално-правно, за да се задржи моментумот, евро-проширувањето на земјите од Западниот Балкан и не е „мртво“.
-Ќе биде преповторена истата (лицемерна) заложба за проширување на ЕУ кон овој дел од континентот, дека земјите треба „напорно да работат, да испорачаат реформи“, а Унијата е таа „која не сака, и на која и припаѓаме историски, географски, културно и економски“. Мислам дека процесот на проширување е веќе клинички мртов, и се одржува на апарати. Кога би го споредил, тоа би било како пациент приклучен на вештачко дишење на апарати, докторите (ЕУ) велат дека прават се што е во нивна моќ пациентот (Западен Балкан) да преживее, но потајно во себе не веруваат воопшто дека тоа ќе се случи, посочува Атанасовски.
Според него, треба да се престане со подгревањето на лажните надежи, бидејќи потоа и разочарувањата се многу поголеми.
-Неколку пати се „изгоревме“, и затоа дуваме и на маштеницата, односно се сеќаваме дека и премиерот си даде оставка по француското вето во 2019 тата година, кога беше максимално убеден дека Македонија ќе ги почне преговорите со ЕУ таа година. Не може да има никаков напредок во апсурдниот и наметнат спор со Бугарија, бидејќи и така е поставен: да биде исправен пред нас, за да нема решение во овој даден момент. Прво, таму нема политичка стабилна влада, со полн капацитет да го тргне ветото, за кое ќе плати политичка цена, бидејќи 80% од Бугарите се радуваат и го оправдуваат истото, и второ и доколку има политичка влада , по изборите во ноември, дури се конституира, ќе пројде декемвриската можност, така што деблокадата може да ја очекуваме најрано наредната 2022. Во таа, доаѓаат изборите во Франција, поради кои европроширувањето ќе биде тотално замрзнато под мраз, дури и ќе се даваат изјави против тоа, а и доколку се создаде политичка влада во Бугарија, без жесток и брутален булдожер притисок од САД, тоа вето, туку така нема да се тргне. Има целосен политички и општествен консензус по истото во целото бугарско општество, со огромна поддршка од бугарските граѓани, смета политичкиот аналитичар.
Во однос на последните ставови на вицепремиерот за европски прашања, Атанасовски вели дека Димитров е во право.
-Тој го кажува веќе директно низ европските коридори, тоа што сите го знаеме, но поради политичка куртоазност и додворителна понизност од нашите политички елити кон ЕУ „авторитетите“, тоа се премолчува. Не е Балканот центар на внимание на ЕУ, и не треба да биде, но на Западниот Балкан, уште на самитот во Солун во далечната 2003-та година му беше отворено и јавно ветено дека ќе има недвосмислена ЕУ предвидлива иднина. Денеска осумнаесет години подоцна, се поставува прашањето на редефинирање на европската иднина на преостанатите шест земји од овој дел на Балканот, и дали имаме ЕУ перспективи? Срамота! Младите немаат верба во ЕУ, но затоа се селат во развиените западноевропски земји, богати и просперитетни, бидејќи клубот кој тие го водат и го сочинуваат води лицемерна политика кон државите во кои живеат. Се наоѓаме во шизофрена ситуација. Паѓа довербата во ЕУ, расте разочараноста и гневот, а со тоа се повеќе и млади го гледаат својот излез и спас во земјите во ЕУ, бидејќи корумпираните политички елити, но и лажнокреираната ЕУ иднина од страна на Унијата кон нивните земји, ги дотолчи сите надежи дека Западниот Балкан ќе стане пристојно место за живеење и градење на иднината, потенцира тој.
Атанасовски не смета дека позитивниот исход од Самитот може да смени нешто.
-Можеби мала нијанса ќе смени, ќе додаде некоја минорна психолошка предност на владејачката СДСМ, но да го смени генералниот изход од изборите не. Сепак, мислам дека после триесет години практицирање на македонскиот повеќепартиски систем, граѓаните веќе треба да бидат искусни и да прават диференцијација помеѓу парламентарни, локални и претседателски избори. На овие избори треба да гласаме дали сме задоволни од актуелните градоначалници и дали да им дадеме нов четиригодишен мандат или пак да ги замениме со некој нивни алтернативен противкандидат. За жал, се уште во голем, да не речам огромен пресудувачки процент, политичката партија која стои позади одреден кандидат за градоначалник е пресудна за тоа граѓаните дали ќе го дадат или нема да го дадат својот глас за тој односен кандидат, а не неговиот персонален капацитет и квалификативи за успешно водење на една локална самоуправа, вели аналитичарот.
Зад планот на Словенија за забрзување на влезот на Западен Балкан во ЕУ до 2030, Атанасовски истакнува дека е пуштен пробен балон, за да се види реакцијата од официјалните бриселски коридори.
-Тој беше „вџашувачки“. Не само што е возможен, туку е во границите на паранормалното. Од сите шест земји на Западниот Балкан, само Србија и Црна Гора ги имаат започнато преговорите, но ги немаат ни до пола затворено поглавјата, а преговараат повеќе од една деценија, Македонија и Албанија мака мачат да ги отпочнат европреговорите поради фашистичките уценувачки блокади на Бугарија кон нашата евроиднина, од кои и Албанија е колатерална штета, а за Босна и Херцеговина и Косово, не треба ни воопшто да се елаборира, бидејќи за тие две држави се уште виси неизвесната иднина како „Дамоклов меч“ над нивниот територијален интегритет и суверенитет, бидејќи се уште се поставува прашањето за некакво територијално прекројување на овие земји по етнички клуч. Словенија под водство на „антиевропскиот“ Јанез Јанша, односно словенечкиот премиер кој е против антиестаблишментот во Брисел, не е изненадувачки дека овој „план“ намерно го пушта, како еден вид на провокација кон ЕУ бирократите, ништо повеќе, односно да не се надеваме на некој искрен проект и план од страна на нашата поранешна република во заедничката држава СФР Југославија, вели Атанасовски за „Локално“.
Новинарот и политички аналитичар, Зоран Иванов смета дека денешниот самит кај Крањ за нас не е ништо посебно.
– Политичка Бугарија, а и целото тамошно општесво, менатално не се подготвени за било каква промена на нивниот децениски став во врска со македонскиот идентитет и историските настани. Да не елаборирам, тоа е општо познато. Оттука, не очекивам некаков напредок во смисла до крајот на оваа година земјава да ги почне пристапните преговори со Унијата. Но, но, можна е некаква формулација обезбедена и под притисок на САД, Република Северна Македонија сепак да ги почне преговорите со одредени остапки околу толкувањата содржани во португалскиот документ, но и со тешки услови во процесот на преговорите. Бугарија, мислам, ако веќе биде толку притисната да не ги кочи процесите, од своите европски партнери ќе инсистира на гаранција врз база на своите сегашни „побарувања“. А тоа би значело за време на целиот наш преговарачки пристапен процес, да бидеме под жестоки уцени на актуелниот бугарски ментален склоп и тој наш пат ќе биде наше натамошно ужасно малтретирање. Но, нека почне па, …., и до сега никогаш ништо не ни одело без мака, вели тој за „Локално“.
Што пак се однесува до оптимизмот на премиерот, смета Иванов, ако нема оптимизам, посебно од државниот врв, тогаш тоа би значело откажување.
-Премиерот досега покажа оптиомизам несвојствен за многумина во актуелната политика. И досега, неговиот труд вложи резултати. Не само со преспанскиот и НАТО, туку и ова со Бугарија. Најлесно е да се откажете од битките. Тој не се откажува се дедка не удри во „црвената линија“. Неговата посветеност и упорност и посебно неговата благост наспроти дури и примитивните навреди од бугарска страна главно со нападите врз нашите идентитетски постулати, придонесоа да се „размрда“ и американската дипломатија, а европската да ја држи во кондиција за „македонската“ тема, посочува новинарот.
За последниот став на вицепремиерот Димитров, Балканот отсекогаш бил и сега е товар за актуелна современа Европа, коментира Иванов.
– Никаква декларација, доколку ние тоа овде самите не го сториме, нема да ги подобри економските и социјалните услови за да запре збегот на младите од своите иогништа. Но Унијата е важна поради нејзините вредности отсликани во цивилизациските културолошки вредности прикажани од функционирањето на институциите преку посветеноста на трудот до екологијата. Тоа се нашите интегративни мотиви, тоа се западните европски вредности, а не самото формално членство во ЕУ. Обврската до тие вредности се исклучиво наши, а интеграцискиот пат е тој нужен контролен механизам на тој пат на за тие вредности, наведува Иванов.
Тој е категоричен дека јавноста на темата ЕУ веќе отрпнала.
– Кај нас и локалните веќе не се локални. Во ова изборие и опшините не се оставени самите да си ги туркаат изборните процеси за своите атари. Па, наместо локалните партиски пставници да доминираат во кампањата и тоа само во своите атари, ние ги гледаме врвовите на партиите како талкаат по гласови по сите општини, градови и села. Тој факт само укажува дека како и сите досега, и овие локални се борба за големата, за централната власт. Бројот на гласовите на контата на партиите ќе одрдаат дали и кога ќе имаме и парламентарни избори. Тоа е главната битка и сега. За централната, а не локалната власт. Но, локалната е индикатор за моќта, за шансите за центраалната. Затоа, битката за секоја општина е всушност битка за тоа кој ќе владее со државниот буџет. А тоа се нартекува „гола власт“ нели, кажа новинарот во изјава за „Локално“.
Н.П.