Само 13 отсто од сите моментално хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани

од Vladimir Zorba
137 прегледи

Министерството за здравство вчера соопшти дека во периодот од 6 август до 2 септември, во земјава се евидентирани 22.416 граѓани позитивни на Ковид-19, од кои 18 отсто биле целосно вакцинирани, односно 4191 лице, а 18.225 граѓани, односно дури 81 отсто не биле вакцинирани. Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 87 отсто, додека само 13 отсто од сите моментално хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани.

-Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата. Во период од четири седмици на територија на државата починале 480 лица со Ковид 19, 429 пациенти или 89 отсто од починатите не биле вакцинирани, а само 51 или 10 отсто примиле вакцина. Според анализите починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања, информираа од Министерството за здравство.

Заразените и починатите, како што се посочува, се вакцинирани со вакцини што ги има на располагање кај нас, како и вакцини „Модерна” и „Џонсон”, кои некои од пациентите ги примиле во странство. За вакцинирани се сметаат лицата кои се вакцинирани со две дози и поминале најмалку 14 дена од примање на втора доза вакцина.

Од Министерството потенцираат дека за време на четвртиот ковид бран, во период од јули до крајот на август, епидемиолошките анализи покажуваат дека најголема смртност кај пациенти со Ковид-19 имало во градовите каде имало најнизок процент на вакцинирано население.

Слични содржини