Само 16 отсто од сите моментално хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани

од Vladimir Zorba
359 прегледи

Министерството за здравство вчера ја објави анализата на вакцинирани, од позитивни случаи со Ковид-19, во период од 6 август заклучно со 9 септември. За вакцинирани, како што се посочува, се сметаат лицата кои се вакцинирани со две дози и поминале најмалку 14 дена од примање на втора доза вакцина.

– Во период од 6 август до 9 септември на територија на државата 26.053 граѓани се позитивни од тестирани на Ковид-19, од нив 19 отсто биле целосно вакцинирани, односно 5175 лица. Голем е бројот на невакцинирани граѓани кои се заразиле со Ковид-19. Според статистика за изминативе пет недели, 20.878 граѓани, односно дури 80 отсто од позитивните на Ковид-19 не биле вакцинирани.

Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 84 отсто, додека само 16 отсто од сите моментално хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани. Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата.

Во период од пет седмици на територија на државата починале 678 лица со Ковид-19, 591 пациент (87 отсто) од починатите не биле вакцинирани, а само 87 (12 отсто) примиле вакцина. Според анализите починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања, информираа од Министерството.

Слични содржини