Само 56% од населението е финансиски писмено што е незадоволително, вели Јаневска

„Финансиската едукација е вградена и во наставните програми од I–IX одделение, почнувајќи од запознавање со пари па сѐ до буџетирање и планирање“, порача министерката за образование

од Nikola Popovski
9 прегледи Фото: МОН

Интензивно работиме на подобрување на секој сегмент на образованието, затоа што приоритет на Владата е да изградиме образовен систем кој ќе ги оспособи младите да се справуваат со реални предизвици. Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието за кусо време спроведоа активности и сега ја имаме Анализата на финансиската писменост во основното образование во Македонија. Таа покажа дека нашите ученици имаат фактичко знаење за финансиски поими, но често им недостига способност за нивна примена.

Ова го нагласи министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на настанот по повод 15 март – Меѓународниот ден за правата на потрошувачите, што го организираше Бирото за развој на образованието.

Јаневска рече дека финансиската писменост е меѓународно призната како една од клучните животни вештини и е дел од глобалните образовни стандарди. Таа им помага на младите да научат како да управуваат со своите пари, да трошат одговорно, да штедат и да вложуваат мудро. Во исто време, ги учи да препознаваат ризици, сомнителни понуди, неповолни договори и онлајн измами.

„Навиките и односот кон парите се формираат од најрана возраст, затоа најдобро е почетни финансиски знаења да се стекнуваат од 6 до 14 години, односно во текот на основното образование. Во моментов, во доменот на финансиската едукација се вклучени неколку државни институции, кои преземаат многубројни активности за нејзино унапредување. За подигнување на финансиската едукација имаме и стратешки документ. Финансиската едукација е вградена и во наставните програми од I–IX одделение, почнувајќи од запознавање со пари па сѐ до буџетирање и планирање. Во средното образование, финансиската писменост се изучува преку задолжителниот предмет во четврта година за гимназиско и средно уметничко образование ‘Бизнис и претприемништво’, додека во стручните училишта за некои струки е задолжителен предмет а за некои изборен“, рече министерката за образование и наука.

Според последното истражување спроведено од ОЕЦД-ИНФЕ, што ја опфати Македонија, финансиската писменост кај нас е на ниво од 56% од максималната вредност, што, според министерката Јаневска е незадоволително. Што значи дека на граѓаните, во просек, им недостига уште половина знаење и умеење практично да го применат, за да бидат целосно финансиски писмени.

Јаневска укажа дека ќе следат промени со цел поттикнување на развој на вештини за сложено размислување, проценка и примена на финансиските знаења, а податоците и препораките на Анализата на финансиската писменост во основното образование ќе помогнат во тоа.

„Наша цел е на младите да им овозможиме еднакви можности за стекнување финансиска писменост, за да ги оспособиме умно и одговорно да се движат по финансиските патеки“, рече Јаневска.