Само што излезе од затвор, повторно приведен: Помилуваниот Равманоски пукал во Чаир пред десет дена

од Nikola Popovski
68 прегледи

По наредба на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, полициски службеници од Министерството за внатрешни работи денеска непосредно по излегувањето од КПУ „Идризово“ – Скопје лишија од слобода лице на кое со Одлука на Претседателот на Република Северна Македонија извршувањето на изречената казна затвор му беше заменето со условна осуда, бидејќи за истото лице е поведена истрага за ново кривично дело – Убиство од член 123 во врска со член 19 (во обид) од Кривичниот законик.

За лицето се водеше претходна постапка во врска со оружениот инцидент кој се случи на 14 октомври на булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ во Чаир. Вештачењата за присуство на барутни честички кои беа извршени по наредба на јавниот обвинител ги потврдија првичните сознанија дека сега осомничениот со огнено оружје – пиштол испукал неколку истрели во правец на оштетениот со умисла да го лиши од живот и му нанел прострелна рана во пределот на ногата.

Веднаш по пристигнување на вештиот наод, денеска е донесена Наредба за истрага на осомничениот, а до судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје ќе биде доставен предлог за определување мерка притвор.

За истиот настан, по поднесена кривична пријава од Министерството за внатрешни работи против три лица, Основното јавно обвинителство Скопје за нив поведе постапка за кривично дело – Учество во тепачка од член 132 став 1 од Кривичниот законик.

Според полицијата, на 14-ти октомври околу 18:10 часот во Градската општа болница „Свети Наум Охридски“ бил пријавен 35-годишен маж со прострелна рана во ногата. Повредениот Е. А. (35) од Скопје бил нападнат додека се движел пеш по улицата „Христијан Тодоровски-Карпош“.

Според МВР, повредениот во болница го донел неговиот брат. Тој на полицијата ѝ појаснил дека повредениот се движел по улицата „Христијан Тодоровски-Карпош“ во Скопје кога му се приближило едно лице и му пукало во ногата.

Полициските службеници веднаш излегле на терен и преземаат интензивни мерки за расчистување на случајот. Тие извршиле увид на местото на настанот и собираат сведочења за да го идентификуваат сторителот и да го расветлат овој случај, соопштија од полицијата.

Пукањето, како што информираа од МВР, се случило на улицата „Цветан Димов“, а во повредениот било пукано од возило „пасат“.

Слични содржини