Самоопределување ја одби поканата на Хоти

од Stefanija Kuzmanovska
192 прегледи

Денеска Движењето Самоопределување ја одби поканата на премиерот на Косово, Авдулах Хоти, да дадат претставници за косовската делегација за средбите со Србија во Брисел и Вашингтон.

Портпаролот за самоопределување, Перпарим Криезију, откако Хоти соопшти дека побарал опозициските партии да се вклучат во дијалог, рече дека партијата нема да одговори позитивно на таа покана.

Криезију посочи на Фејсбук дека оваа влада е нелегитимна и несигурна, бидејќи не претставува волја на граѓаните и не произлегува од гласот на народот на последните избори.

Според него, и покрај фактот дека приоритети мораат да бидат управувањето со пандемијата, економското закрепнување, борбата против организираниот криминал и корупција и социо-економскиот развој, „оваа влада е целосно дезориентирана и пропаѓа на сите нивоа, а посветува безусловно внимание на процес за кој нема планирање, подготовка, поддршка, а ни легитимитет“.

„Косово може да води дијалог со Србија дури по предвремените избори, кога ќе добиеме влада со целосен легитимитет, која обезбедува единство преку платформа која добива поддршка од две третини од пратениците и секогаш започнува од реципроцитет како принцип на меѓудржавни односи“, порача Криезију, пренесе „Косово онлајн“.