Соочени со зголемување на инфекцијата со салмонела во САД, здравствените власти издадоа препорака која насмеа многумина. Имено, тие побараа од граѓаните да не ги бакнуваат или галат нивните кокошки и други животни.
„Не бакнувајте ги и не милувајте ги вашите животни во дворот и не јадете или пиете во нивна близина“, предупредува американскиот Центар за контрола и превенција на болести (CDC).
Според нив, од средината на февруари има зголемување на инфекција со салмонела до 163 случаи, со 34 хоспитализации.
„Пациентите изјавија дека биле во контакт со животни кои веројатно биле извор на епидемијата“, додаде ЦДЦ.
Иако делуваат чисто, кокошките и патките можат да пренесат салмонела, бактерија што предизвикува дијареја, треска и повраќање.
Инфекцијата обично се јавува кога јадете заразени јајца или млечни производи. Десетици милиони луѓе се заразуваат со салмонела секоја година, но смртните случаи се ретки.
„CDC“ препорача и темелно миење на рацете по контакт со животните и предупреди дека децата не треба да си играат со овие птици.