Во екот на протестите во Турција по апсењето на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, кој се товари за злоупотреба на службената должност и корупција, „Локално“ побара став од претседателот на Движењето за национално единство на Турците во Македонија, Ердоган Сарач. За случувањата во престолнината на Босфорот, првиот човек на Движењето за национално единство на Турците во Македонија, смета дека Турција е правна држава и дека судскиот процес треба да се одвива без притисоци.
Тој нагласи дека обвинението содржи сериозни докази за злоупотреба на функцијата и јавните средства на општината од страна на Имамоглу, што е недозволиво во демократските земји. Според него, тековната судска постапка ќе ја утврди вината или невиноста на Имамоглу, но организирањето масовни демонстрации пред правосилна пресуда, според Сарач, не е исправно и укажува на други намери за дестабилизација на Турција.
„Јас сум сигурен и верувам во државата Турција, бидејќи е правна држава, и убеден сум дека има правни аргументи за ваквата постапка. Токму затоа, овие демонстрации се обид да се спречи правдата. Сите обвинувања против Имамоглу, доколку се потврдат на суд, ќе го докажат неговото дејствување. Ако судот утврди дека е невин, тогаш треба сериозно да се преиспитаат постапките. Меѓутоа, ако е виновен, мора да одговара. Правото мора да се почитува, и доколку се докаже дека ја злоупотребил функцијата на градоначалник на метропола како Истанбул, тој мора да сноси одговорност. Обвинението содржи сериозни докази за злоупотреба на функцијата и јавните средства на општината, а ваквите постапки се недозволени во сите демократски земји. Сега има активна судска постапка која ќе утврди дали Имамоглу е виновен или не. Но, сметам дека организирањето демонстрации без правосилна пресуда не е исправно и дека зад нив стојат други намери за дестабилизација на Турција,“ изјави Сарач.

Ердоган Сарач
Сарач ја отфрли можноста дека судскиот процес против градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, е дел од политичка пресметка. Според него, политичките пресметки се случуваат на избори, а не преку судските институции. Тој нагласи дека тековната судска постапка треба да се почитува и дека е важно правдата да биде водечка во овој случај.
„Не доаѓа во предвид политичка пресметка во моментов, бидејќи тие се пресметуваат на избори и не гледам никаква пресметка. Тука нема злоупотреба на правдата и правниот процес. Тогаш власта и Ердоган можеле да направат разни сценарија, но за разлика од тоа, изборите завршија многу мирно и коректно без никакви проблеми,“ изјави Сарач.
На прашањето дали протестите во Турција ќе добијат на интензитет, првиот човек на Движењето за национално единство на Турците во Македонија смета дека протестите не се во интерес на ниту еден граѓанин на Турција. Тој додаде дека без разлика на интензитетот на протестите, Турција нема да дозволи дестабилизација на државата.
„Протести има и во Македонија, протести има и во Србија, така што Турција ќе ги открие причинителите. Не е тоа искрена намера на граѓаните во Турција, бидејќи дестабилизацијата не е во нивна корист. Оттука, мислам дека без разлика дали ќе добијат на интензитет протестите, Турција нема да дозволи да се дестабилизира државата.“
Сарач нагласува дека треба да се чека епилогот од судскиот спор против Имамоглу, кој ќе одлучи дали ќе остане на позицијата градоначалник и воопшто политички активен. Доколку се докаже дека е виновен, Сарач потенцира дека ќе мора покрај вината за делото целосно да се повлече од политиката.
„Законот не му дозволува да врши функција доколку се докаже дека е виновен, но доколку се докаже дека не е виновен, тој ќе остане градоначалник до крај на мандатот. Меѓутоа, ако се докаже дека обвинувањата на обвинителството се потврдени, тогаш ќе му се одземе мандатот и сите политички ингеренции,“ заклучува Сарач.
Д.Ѓ